Обвинителен акт за гинекологот од Струга кој даваше здравствени услуги без дозвола за работа​

Основното јавно обвинителство Струга денеска до надлежниот суд достави Обвинителен акт против 54 – годишен жител на Струга, кој го сторил кривичното дело – Давање здравствени услуги без дозвола за работа од член 304 – а од Законот за здравствена заштита.

Како здравствен работник – доктор специјалист по гинекологија и акушерство, обвинетиот давал здравствени услуги во простор за кој немал дозвола за работа. Имено, тој во просторија во неговата семејна куќа во која живее, подготвил ординација која не била регистрирана и означена. Здраствените услуги обвинетиот ги давал од 2013 до 2020 година со тоа што ги водел контролите на бременоста на повеќе пациентки. За извршените прегледи обвинетиот наплатувал по 1000,00 денари од пациентките, а за примените средства не издавал никаков доказ.

При извршен надзор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат при Министерството за здравство на 16 јануари 2020 година, било констатирано дека за опремената ординација докторот не поседувал дозвола за работа, по што му било врачено Решение со кое му било забрането во неа да врши здравствена дејност.