Барди позитивен на коронавирусот

Репрезентативецот Енис Барди доби позитивен тест на Covid-19 и се наоѓа во изолација во тимската база на македонската фудбалска репрезентација. Тој е без симптоми и во добра здравствена состојба, објави во средата попладнето Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).

Фудбалерот на шпански Леванте при доаѓање на собирот на А репрезентацијата ги почитуваше мерките и здравствените протоколи за заштита од Covid-19, како и сите други фудбалери и членови на репрезентацијата и немаше контакт со тимските колеги и лицата од стручниот штаб.

„Енис Барди е без симптоми и се чувствува добро. Ние како лекарски тим постојано ја следиме неговата здравствена состојба. Пред извесно време имал контакт со дел од играчите на Леванте кои исто така имаат позитивен тест на Covid-19. Важно е да се напомене дека пред почетокот на собирот на репрезентацијата беа почитувани и запазени сите протоколи согласно УЕФА здравствените регулативи се со цел да се избегне контакт со останатите фудбалери и членови на репрезентацијата. Останува да се следи состојбата и да веруваме дека ќе помине без промена на клиничката слика“, изјави Александар Савески, дел од лекарскиот тим во А македонската репрезентација.

„Цврено-жолтите“ на 13-ти јуни ги очекува првиот натпревар во историјата на Европските првенства.

Претходно на 1-ви јуни и на 4-ти јуни, македонскиот национален тим ќе одигра пријателски натпревари со словенечката репрезентација и со Казахстан.