
Министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската унија ќе разговараат за воведување економски санкции против Белорусија, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Жозеп Борел.
Причината е принудното слетување на патнички авион на „Рајанер“ во Минск на 23 мај и притворањето на новинарот Роман Протасевич и неговата пријателка.
– Киднапирањето на авионот и приведувањето на двајцата патници е целосно неприфатливо и ќе почнеме да разговараме за воведување на секторски и економски санкции – изјави Борел пред неформалниот состанок во Лисабон.
Тој додаде дека работата во новата рунда санкции против Белорусија е во напредна фаза, но не изнесе повеќе детали.