ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи намалување на ДДВ за цената на струјата

Ние иако постојано секоја година од Влада се најавува добра економска година, дека ова конечно ќе биде годината каде што ќе имаме зголемена благосостојба во економијата, но гледаме дека резултатите се далеку од тие најави. Пред неколку недели НБРМ ни најави дека ќе имаме зголемена инфлација, дека ќе растат цените на енергенсите и дека има загрижувачки трендови во делот на јавниот долг. Но, тоа ние како политичка партија алармираме подолг период, истакна Тимчо Муцунски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ во гостување во „10 минути“ на ТВ21.

Муцунски додаде што се однесува до енергенсите јасно е дека не само цената на струјата туку и цените на другите енергенси растат. -А, со тоа се зголемуваат и трошоците за живот на граѓани и трошоците за другите производи паралелно се зголемуваат непропорционално со растот на платите. Што значи дека граѓаните статистички од година во година живеат се посиромашно.

„Ние како политичка партија, тоа го најави претседателот на партијата Мицкоски, и ние како пратеници на таа политичка партија во Собранието имаме намера да предложиме намалување на износот на ДДВ-то на цената на струјата, што би значело намалување на цената, олеснување на граѓаните и компаниите. Односно уште еден начин да се апсорбира овој шок кој што за жал нашата Влада немаше капацитет и дел од јавните претпријатија кои што имаат надлежности во оваа област немаа капацитет да го апсорбираат на време. Ние мораме во овие тешки времиња при едно од најголемите социо економски кризи да направиме нашите граѓани да живеат барем во некои услови кои што претходно ги имале. За жал, статистиката и тоа што граѓаните го чувствуваат од ден за ден е дека тие се се посиромашни “, рече Муцунски.