Аеродром планира целосно отстранување на дел од фонтаните во општината

Хортикултурно уредување, целосна реконструкција или пак комплетна дислокација, се алтернативите со кои општина Аеродром ќе преуредува постоечките фонтани и просторот околу нив.

Како што велат од локалната самоуправа, ваквото преуредување на фонтаниете се реализира поради барање на жителите, но и поради скапото одржување на старите фонтани кои веќе одамна ја изгубиле својата убавина и функционалност.

Објаснувањето од Општината доаѓа откако во јавноста имаше големи реакции поради уредувањете на фонтаната зад ТЦ „Бисер“, која беше наполнета со земја и во неа беа засадени цвеќиња и зимзелени дрвца. Ваквата одлука, од општината ја правдаа со скапото одржување на фонтаната.

-Се одлучивме за ваквиот чекор поради барањето од граѓаните од тој дел на општината. Во наредниот период хортикултурно ќе ги уредиме и другите нефункционални фонтани, кои за аеродромци ќе претставуваат вистинско зелено катче каде што ќе можат да уживаат во пролетните и летните денови – вели градоначалникот на Аеродром, Златко Марин.

Но фонтаната зад ТЦ „Бисер“ не е единствената за која е предвидена интервенција од општинските служби. Од општината велат дека, на барање на граѓаните, во паркот во населбата Мичурин целосно е отстранета фонтаната, поради како што велат, нефункционалност и на нејзиното место во рамките на целосната реконструкција на овој парк изградено е сосема ново детско игралиште со современи реквизити за безбедна игра на децата.

-За разлика од Мичурин, жителите на Острово, пак, побараа целосно да се реновира фонтаната во паркот Бојмија. Во неодамнешната целосна реконструкција на овој парк беше обновена оваа фонтана. Таму поставивме модерен и софистициран систем со иноксни прстени, различен тип на млазници, дел од нив се со вертикално прскање, дел со пена, некои се со водена прашина, како и осветлување на фонтаната со цела нова машинска инсталација и синхронизирање на светлото и течењето. Ова е придружено со нова електрика и нов систем за довод на вода, како и целосна реконструкција на бунарот за вода, кој беше во запуштена состојба – велат од општина Аеродром.

Кога станува збор, пак, за уредување на просторот кој се наоѓа зад ТЦ „Капитол“, од Аеродром велат дека од нивна страна веќе е изработен проект за со кој се предвидува изградба на детско игралиште на местото на постојната дотраена и нефункционална фонтана.

-Општина Аеродром редовно врши реконструкција и санација на постојните фонтани. Неодамна се изврши пролетна подготовка на сите фонтани. Се отстранија оштетените плочки и други дотраени делови од фонтаните и се заменија со нови, мозаични плочки, а се постави и нова хидроизолација. Се уредија фонтаните во Паркот на езерата и паркот „Авионче“, фонтаната „Печурка“ кај игралиштето во Ново Лисиче, како и во паркот Јане Сандански – велат од општина Аеродром.