Повеќе од 11.000 луѓе се потпишаа на онлајн петицијата со која се бара повлекување на новите дресови на македонската фудбалска репрезентација, неполни 24 часа откако иницијативата беше покрената во петокот на социјалните мрежи.
Петицијата насловена „Македонија на ЕП во старите дресови!“ осамна на интернет откако ФФМ вчера ги претстави новите дресови за дебитантскиот настап на македонските фудбалери на Еуро 2020, предизвикувајќи поделени реакции во јавноста. Критики особено предизвика повлекувањето на традиционалниот црвено-жолт дрес и негова замена со редизајн во бордо боја.
Од Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) засега нема официјална реакција на иницијативата за повлекување на новите дресови во бордо, бело-жолта и црно – портокалова комбинација дизајнирани од германскиот производител на спортска опрема „Јако“
На својот официјален сајт, „Јако“ синоќа објави дека новите македонски дресови веќе можат да се купат во Германија во специјализирани продавници за спортска опрема.
Капитенот на македонската репрезентација Горан Пандев, кој деновиве треба да му се приклучи на националниот тим на подготовките во Скопје, синоќа на својот Инстаграм профил објави фотографија на која позира со црвено-жолтиот дрес во кој го постигна победоносниот гол против Грузија во баражот за пласман на претстојното Европско првенство.