Претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, ја поништи одлуката за одземање на воените одликувања на осомничениот за воени злосторства над Србите во Осиек, Бранимир Главаш, беше објавено денеска во Загреб.
Како што е наведено во образложението на одлуката објавена во Службен весник, тоа е во согласност со одлуките на Уставниот суд од 2015 година и на Врховниот суд од 2016 година, со кои се укина пресудата за Главаш поради што му беа одземени тие одликувања. Одлуката е донесена на предлог на Државната комисија за одликувања и признанија.
Седум одликувања и чин генерал-мајор на Бранимир Главаш му беа одземени за време на мандатот на претседателот Иво Јосиповиќ во 2010 година.
Хрватските медиуми потсетуваат дека Главаш го поддржал Милановиќ во претседателската кампања како кандидат на левоцентристичката коалиција за шеф на државата, но и дека Милановиќ потоа се дистанцирал од таа поддршка велејќи дека „тоа не е негово друштво“.