Русија формира нови единици на западната граница како одговор на НАТО

Русија ќе распореди околу 20 нови формации и единици во својот Западен воен округ, односно близу своите западни граници до крајот на оваа година, како одговор на активностите на НАТО пактот на нејзините граници, изјави во понеделникот министерот за одбрана Сергеј Шојгу.

Министерот појасни дека всушност станува збор за одговор на дејствијата на земјите членки на НАТО предводени од САД, коишто го зголемуваат интензитетот на летовите на стратешката авијација и присуството на воени пловила на руските граници.

„Активностите на нашите западни колеги го уништуваат светскиот безбедносен систем и не присилуваат да преземаме соодветни противмерки… Околу 20 воени формации и единици ќе бидат распоредени во Западниот воен круг до крајот на годинава“, најави Шојгу.

Рускиот министер за одбрана посочи дека новите единици ќе бидат снабдени со современите оружја и опрема, како дека е планирано уште оваа година трупите на Западниот воен округ да бидат опремени со две илјади единици оружје.

Подобрувањето на вештините на севкупниот воени персонал и органите на воено командување, исто така, ќе продолжат со зголемениот интензитет, додаде Шојгу.

„Интензитетот на совладување на задачите за борбена подготовка на бродовите на Балтичката флота се зголемува за 30 отсто. Повеќе од двесте вежби се спроведени со употреба на разни видови оружје. Воздушните активности во областа е зголема за четири отсто“, рече Шојгу додавајќи дека подготовката за големите стратешки воени маневри под насловот „Запад-2021“ минала во активна фаза.

Сиве овие активности и планови на руската армија Шојгу ги појасни со податоците дека НАТО на западните граници на Русија последните повеќе години интензитетот на активноста на стратешката авијација, а воените бродови со крстосувачки ракети на Алијанската сѐ почесто впловуваат во Балтикот.

„Ситуацијата на западниот стратешки правец се карактеризира со зголемување на воените закани. Во текот на седумте изминати години, интензитетот на летовите на стратешката бомбардерска авијација на САД во Европа е зголемена за 14 пати“, изјави Шојгу на брифингот во руското министерство за одбрана, пренесува ТАСС.

Притоа министерот прецизирал дека бродовите на НАТО со наведувано ракетно вооружување систематски влегуваат во Балтичкото Море.

„Само минатата година бродови од оваа класа трипати изведуваа мисии во близината на (руската стратешка балтичка енкчава) Калининград. Вкупно од 2016 година, системот за реална контрола регистрирал 18 такви навлегувања на воени бродови во претпоставените области на лансирање крстосувачки ракети“, рече Шојгу.

Според него, истовремено САД и НАТО продолжуваат да го прошируваат обемот на оперативни и борбени подготовки близу границите со Русија.

„Во текот на изминатите години бројот на маневрите се зголемил за еден и пол пати. Во моментов се изведуваат најголемите последните 30 години маневри под назив Defender Europe – 2021, во кои учестуваат до 40.000 војници. Нивната главна цел е префрлување на целокупни дивизии од САД во Европа“, прецизира Шојгу.