
Јавно обраќање на „Македонски манифест“:
КАДЕ ОДИШ, МАКЕДОНИЈО?
Читаме и слушаме по медиумите за настани кои нѐ наведуваат на прашањето: Каде одиш, Македонијо?: Ќе се формира движење Илирида, нова партија која ќе поднесе барање за федерализација; Недозволен увоз на опасен мазут; Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов најави дека тој е подготвен да се донесе закон за рушење на проектот „Скопје 2014“; Промоција на Паркот на диносаурусите (дино парк); Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) ги промовираше новите дресови на нашата репрезентација;… И сѐ така во бескрај. Но, да се задржиме на една од темите кои деновиве стана жешка: Нови дресови на нашата фудбалска репрезентација.
Деновиве, во пресрет на Европското првенство беа промовирани новите дресови на македонската фудбалска репрезентација. Видовме дека на дресот го нема името на државата, го нема дури ни кодот МКД. Само името на фудбалерот, неупадливо минијатурно знаменце и грбот на фудбалската федерација. Наместо досегашниот традиционален и препознатлив дрес со боите на нашето државно знаме и сонцето како наш препознатлив симбол, промовираниот дрес е и со сменета боја. А, бевме и сведоци кога претседателот Пендаровски во Рим, подарувајќи му го на Папата „новиот дрес“ на нашата репрезентација му изрази жалење што Аргентина не учествува на Европското првенство (како Аргентина да е земја во Европа). Пендаровски го замоли папата да се моли за нашата репрезентација… Во меѓувреме ФФМ ја најави нашата навивачка група која на претстојното Европско првенство ќе ја предводи претставникот на т.н. шверцери од Чаир, Омер Буњаку експониран по многу криминални испади.
Откога сѐ се распродаде, се смени и името на државата, дојде на ред самоцензура и за дресовите на репрезентацијата. Но, дали оркестрираните промотори на лажните дресови не сметаа на реакцијата пред сѐ и на револтираните навивачи. Незадоволни од потегот на ФФМ, се покрена петиција со барање за враќање на црвено-жолтиот и повлекување на лажниот дрес. Својот став за дресот го кажа и нашиот капитен Горан Пандев кој објави слика со стариот дрес и натписот „Македонија“. Петицијата е потпишана од десетина илјади револтирани. По негативните реакции за лажните дресови се огласи и Муамед Сејдини, претседателот на ФФМ. По повод промоцијата на „новиот“ дрес меѓу другото изјави дека ФФМ целосно ја презема одговорноста за изборот на дресот и дека сепак останува стариот дрес. Но, дали еднаш кај нас виновникот нема да се прикрива зад името на институциите, лично ќе се легитимира и ќе поднесе оставка од позицијата на која се наоѓа?
Ех, Македонио! Ќе ги симнат ли лажните дресови и Заев и Пендаровски? Веќе долго време народот го очекува враќањето на вистинските дресови. Убав ден Македонио… Дали треба да го замолиме папата да се моли не само за нашата репрезентација, туку и за Македонија. Не се вознемирувајте! Важно сега има дино парк во Скопје. По сѐ изгледа дека ова е приоритетен интерес на Македонија!
МАКЕДОНСКИ МАНИФЕСТ