Комората на Азески, Општина Охрид и Економскиот факултет од Љубљана станаа партнери

Стопанската комора на Македонија, Општина Охрид и Економскиот факултет од Љубљана, Словенија, одлучија да ја интензивираат соработката и да станат партнери, соопшти Стопанската комора со којашто раководи Бранко Азески.

Како што е наведено во соопштението, на иницијатива на Бранко Азески во Охрид се одржала средбата помеѓу охридскиот градоначалник Константин Георгиески и деканот на Факултетот од Љубљана, професор Метка Текавчич.

„Целта на разговорите беше да се интензивира присуството на оваа значајна високообразовна институција на просторите надвор од Словенија, во земјите на Западен Балкан од каде што доаѓаат најголем број на студенти, да се зголеми проектната активност за заеднички настап на меѓународните пазари, и да се подржи и поттикне, натамошната соработка со Економскиот институт, кој е во рамки на Љубљанскиот Факултет и кој често прави анализа за нашата најголема бизнис асоцијација, Стопанската комора на Северна Македонија. За почеток на соработката договорено е да се преземат активности за реализација на заеднички проект помеѓу општината Охрид, Стопанската комора на Северна Македонија, Економски Факултет, Универзитет – Љубљана, со можност за вклучување и на Стопанската комора од Словенија. Проектот ќе биде на тема: Вклучување на Северна Македонија во Европската Унија и потребата од продолжување на исполнувањето на обврските што стојат пред државата и покрај блокадите, со кои се одолжува почетокот на преговорите за влез во Унијата“, се вели во соопштението на Стопанска комора.

На средбата било договорено паралелно да се работи и на организација на меѓународна конференција за „Европскиот пат на Република Северна Македонија“ која би се одржала во Охрид, од аспект на образованието, економијата, наука и туризмот, како пандан на конференцијата што се одржува во Порторож, со учество на врвни експерти од наведените области кои биле дел од преговорите за влез на Република Словенија во Европската Унија.

„Се очекува нивните експертизи да дадат голем придонес во остварувањето на европските цели на Република Северна Македонија, но и за искористување на потенцијалните можности  за развој на Охридскиот регион кои ги нуди Европската Унија. Универзитетот во Љубљана, во чии рамки функционира и Економскиот факултет, има повеќе од 100 години традиција. Основан е во 1919 година со 5 члена и опфаќа 23 факултети и 3 уметнички академии од студиски области: Уметност, природа и технологија, јазици, општествени науки, економија, инженерство, медицина, здравствени науки и спорт. Љубљанскиот Универзитет е научна установа со најголем број македонски студенти запишани надвор од границите на државата. Дури една четвртина од вкупно запишаните, но и завршените студенти, се од Северна Македонија“, наведено е во соопштението.

Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, во април 2018 година беше промовиран како член на Меѓународниот советодавен одбор на Економскиот факултет во Љубљана, што е редок пример на вклучување на човек од бизнисот во ова консултативно тело, а е резултат на атрактивноста на љубљанскиот економскиот факултет на просторите на нашата држава, чија функција меѓудругото има за цел поттикнување на економската соработка помеѓу двете земји.

Центарот на Економскиот факултет, Универзитет – Љубљана во Северна Македонија, е позициониран за целиот регион и со своето делување од 2005 година во Скопје, има реализирано пост дипломски студии за 12 генерации, од областа на економијата и бизнисот. Програмите кои се користат се наменети за професионалци од различни области од природните, општествените и техничките науки, а знаењето што се добива е на ниво на Извршен директор во компаниите.