
Скопскиот градоначалник Петре Шилегов во ноември 2019 година ја продал градската куќа за 12,7 милиони евра „частејќи“ го новиот сопственик со гратис земјиште и ослободени комуналии, обвини опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.
„Со парите од 12,7 милиони евра, речиси 2 години подоцна не е купен нов објект, ниту, пак, е започната некоја нова инвестиција од корист за скопјани. Шилегов мистериозно ‘ги стопил‘ овие пари кои според нашите сознанија не се на сметката. Дали со продажбата на претходно изградената градска куќа е направена измама тешка 12,7 милиони евра? Претходно предупредивме дека направен е ‘договор‘ за објектот на поранешното ЕСМ, каде градот би бил оштетен по принципот ново за старо. Во меѓувреме, главното прашање е каде се, и за што се употребени 12,7 милиони евра од продажбата на новата градска куќа? Ваквата измама е доказ за неработата, мрзливоста и лепливите прсти на Шилегов. Додека Скопјани чекаат проекти, градската каса се празни за приватни џебови. Шилегов по стапките на неговиот ментор Заев е целосно преокупиран со сомнителни и криминогени проекти“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.