Ѓоковиќ со голем пресврт до триумф на Ролан Гарос

Првиот тенисер на светот, Србинот Новак Ѓоковиќ, е победник на годинешното издание на Ролан Гарос, откако во финалето по четири часа и 11 минути со голем пресврт го совлада Гркот Стефанос Циципас со 6-7 (6), 2-6, 6-3, 6-2, 6-4.

За 34-годишнот Ѓоковиќ ова е 19-от освоен „грен слем“ во кариерата на што стаса на само еден таков триумф помалку зад Шпанецот Рафаел Надал и Швајцарецот Роџер Федерер кои го делат првото место на сите времиња.

Меѓутоа, Ѓоковиќ со овој триумф стана првиот играч во Опен ерата, од 1968 година, кој ги освои секој од четири „грен слем“ турнири барем двапати. Првиот пат го освои Ролан Гарос во 2016 година.

Од друга страна, 22-годишниот Циципас играше во своето прво „грен слем“ финале во кариерата.

И минатата сезона Ѓоковиќ и Циципас играа меч во пет сетови на Ролан Гарос. Тогаш беше дуел во полуфиналето кога Србинот ги освои првите два сета, Циципас се врати во мечот, но петтиот сет му припадна на Ѓоковиќ.

За оваа титула во Париз, Ѓоковиќ двапати мораше да надоместува заостанување од 0-2 во сетовите. Првпат во 4-то коло против млaдиот Италијанец Лоренцо Музети, а потоа и во финалето против Циципас.

Ова беше осмиот меѓусебен дуел меѓу Ѓоковиќ и Циципас, а шеста победа на српскиот тенисер.

Ѓоковиќ остана лидер во рехтингот на Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП), а оваа сезона веќе имаше претходно освоен „грем слем“ турнир, на Аустралиан Опен.