Кедира се уште чека понуда од Челзи или Арсенал

Јорг Неубауер, агентот на репрезентативецот на Германија и фудбалер на Реал (М), Сами Кедира, откри дека на неговата адреса и на таа на неговиот клиент нема пристигнато ниту една официјална понуда од некој друг клуб.

Одличниот играч за врска веќе подолг временски период важи за голема желба на лондонските премиерлигаши Арсенал и Челзи, а англиските медиуми постојано ја форсираат приказната дека двата клуба веќе испратиле официјална понуда за 27-годишниот Кедира не помала од 20 мил. фунти.

“Јас не сум добил официјална понуда. Истото можам да го кажам и за Кедира и за Реал (М). До овој момент нема официјална понуда за мојот клиент, се е чиста шпекулација, чиста фантазија на англиските медиуми. Не е точно дека Арсенал или Челзи понудиле 20 мил. фунти”, изјави агентот на репрезентативецот на Германија.