Пратеници ќе учествуваат на вториот Скопје Прајд

Под мотото „Вон ѕидовите“ на 26 јуни, во Скопје, ќе се одржи втората парада на гордоста во организација на Националната мрежа против хомофобија и трансфобија.

– Парадата на гордоста е славење на различноста, слободата, прифаќањето, љубовта. Со учеството на овој мирен протестен марш, испраќаме порака за солидарност и поддршка на сите ЛГБТИ сограѓани во борбата против дискриминација, стигматизација, насилство и говор на омраза кон нив. Маршот е можност ЛГБТИ како една од најмаргинализираните заедници, да добие видливост во општеството и поддршка во надминувањето на проблемите со кои се соочува – велат од Собранието.

На парадата свое обраќање ќе има координаторката на Интерпартиската парламентарна група за правата на ЛГБТИ лицата, Маја Морачанин.