На Амнести Интернешнал не им се допаѓа изборот на новиот претседател на Иран

Организацијата „Амнести Интернешнл“ (АИ) го осуди изборот на Ебрахим Раиси за претседател на Иран и повика на истрага против него за „злосторства против човештвото“.

-Фактот дека  Раиси ја достигна позицијата претседател, наместо да биде под истрага за злосторства против човештвото поради убиства, киднапирања и тортури, е мрачен потсетник дека во Иран владее неказнивост – во писмена изјава оцени генералната секретарка на АИ, Агнес Каламар.

Според соопштението, АИ во 2018 година презентирала докази дека Раиси во 1988 година бил член на комисија што насилно киднапирала и без судска одлука тајно погубила илјадници политички неистомисленици во затворите Евин и Гохардаш во близина на Техеран.

-Иранските власти сè уште систематски ги прикриваат местата каде што се наоѓаат телата на жртвите. Тоа е злосторство против човештвото – оцени Каламар.

Во соопштението се додава дека Раиси, како министер за правда на Иран, учествувал во прогон на стотици неистомисленици и активисти и во кршење на човековите права.

Од АИ додаваат дека Раиси дошол на претседателската функција „по изборниот процес кој бил спроведен во крајно репресивно опкружување“.

-Забрането е да се кандидираат жени, припадници на верски малцинства и кандидати со спротивставени ставови – порача Каламар, повикувајќи ги членовите на Советот за безбедност на Обединетите нации да преземат „конкретни чекори за решавање на кризата на системска неказнивост во Иран“.