Македонците во Албанија нема да видат аир од кандидатскиот статус

Македонското малцинство во Албанија нема да има полза од добивањето кандидатски статус за влез во Европската унија на оваа земја. Ова особено се однесува на ветувањето за школување на мајчин јазик надвор од Општината Пустец.

Градоначалникот на Општината Путец и претседател на здружението „Преспа“, Едмонд Темелко смета дека иако од страна на европските институции е усвоена декларацијата со која на Македонците им се овозможува да се школуваат на Македонски јазик, истата практично нема да се примени, бидејќи како што вели тој, властите во Тирана не придаваат голема важност на ова прашање.

Темелко вели дека сеуште има траги од политиката на Енвер Хоџа на непризнавање на македонското малцинство надвор од Пустец и дека воопшто нема пројавена политичка волја за такво нешто.

– Општините каде живеат Македонците во Албанија како малцинство воопшто не се ниту на листата со програма за инвестиции. Додека на неколку километри се трошат огромни суми пари за изградба на фонтани, овие општини немаат ниту вода за пиење. Со промената на власта се намалува и бројот на вработените од овие општини во интитуциите, вели тој.

Темелко и самиот има покренато иницијатива за забелешка која им ја предложил и на градочаналниците на Голо Брдо и Гора, меѓутоа градочалниците, кои се Македонци, не покажале заинтересираност и го одбиле неговиот предлог.

Со сега пријавената варијанта, единствено Општина Пустец останува како таква, но општините во областите Голо Брдо и Гора, населени главно со Македонци, се укинуваат. Во Голо Брдо се укинува Општината Стеблево и се присоединува кон Елбасан, а општините Острени и Требиште кон Пешкупија. И двете општини во областа Гора се укинуваат и се присоединуваат кон Кукс.

Против оваа реформа е и партијата Македонска Алијанса за Европска Интеграција. Генералниот секретар на партијата, Васил Стерјовски, денеска од Корча истакна дека тие се против новата мапа на административно – територијална  поделба со 61 општина усвоена од страна на Собраниската комисија за територијална реформа.

Од партијата велат дека тие биле сакале територијално – административна реформа што ќе ги земе предвид интересите на граѓаните и правата на малцинтвата.

-Усвоената варијанта не ги зема во предвид критериумите поставени од страна на Владата што се однесуваат на припадниците на малцинствата, Уставот на Албанија, Европската повелба за локална самоуправа, Рамковната конвенција заштита на правата на малцинствата кои Албанија ги има потпишано и ратификувано. Ние сме лојални граѓани на Република Албанија, со целосно почитување на Уставот и законите на државата. Во овој случај бараме од институциите одговорни за оваа реформа да ги земат предвид нашите предлози во регионот на Пешкупија, општините Стеблево, Требиште и Острени, во областа на Голо Брдо да се обединат и да се создаде општина Голо Брдо. Во регионот на Кукс општините, Шиштавец, Топојан и Запот во областа Гора да се обединат и да се создаде општина Гора, додека во регионот на Корча, општина Пустец во областа на Преспа да се преименува во општина Преспа, истакнал Стерјовки.

Со најновата варијанта која помина на собраниска комисија  Албанија би имала 61 локални единици. Оваа одлука ќе  ја разгледува Владата, а потоа на 23 јули предлогот ќе се најде во Собранието на Албанија и на 30 јули треба да се гласа.

Освен Македонците против се и Грците во Албанија кои бараат општина Химара да не се укинува и да не се припојува со повеќе општини со албанско население.