Принцот Чарлс ќе се погрижи неговиот двегодишен внук Арчи никогаш да не стане принц, откриваат британските медиуми во неделата.
Престолонаследникот и син на кралицата Елизабета, принцот Чарлс јасно ставил до знаење дека синот на принцот Хари и Меган никогаш нема да биде во „првиот ред“ на кралското семејство бидејќи планира да ја „намали“ монархијата кога ќе стане крал.
Овој потег, наводно, го налутил Хари и Меган. Внукот на престолонаследникот отсекогаш имал право да ја наследи круната, но Чарлс одлучил да го намали бројот на клучни членови на кралското семејство затоа што смета дека јавноста не сака да ги покрива трошоците и да плаќа за проширувањето на монархијата.
Според пишувањето на „Дејли мејл“, принцот Чарлс најавил промена во клучните документи со кои ќе се осигури дека Арчи не може да ја добие титулата којашто инаку би ја наследил со раѓањето, откриваат извори блиски до парот. Одлуката, наводно, дополнително ги нарушила односите на Хари со неговиот татко.
Од друга страна, британскиот весник откри и дека Хари планира да ангажира сопствен новинар за да известува за откривањето на статуата на принцезата Дијана следниот месец по повод нејзиниот 60-ти роденден. Очигледно е дека Хари воопшто не им верува на британските медиуми.
Деталниот план на Чарлс за намалување на монархијата и бројот на наследници на тронот не е откриен, но се шпекулира дека само наследниците на круната и нивното најтесно семејство ќе имаат право на целосни титули, финансиска поддршка од јавни извори и право на заштита финансирана од парите на даночните обврзници.
Принцот Чарлс веќе извесно време разговара со неговиот помлад брат војводата од Јорк за идната заштита на ќерките на Ендру, принцезата Беатрис и Еуџин, а разговорите се прошириле на Хари и Меган.