Од прваци во прекувремена работа, Јапонците сега ќе работат четири дена неделно

Четири наместо пет дена работа во неделата да им дозволат јапонските фирми на своите вработени советува владата во својот пост-ковид економски план, пренесува Дојче Веле. Баланс меѓу работата и приватниот живот е новата економска политика која скоро беше усвоена во Јапонија, а за многумина ова е нов и смел став и раскрстување со традицијата на прекумерно работење.

Сѐ почнало лани со пандемијата со корона која ги „омекна“ и вразуми јапонските работодавачи да дозволат работа од далечина. Но, главната грижа на владата е уште подлабока. Јапонија стравува дека воркохолизмот доведува до намалување на наталитетот, а лани со ковид-кризата тој направил рекорден пад.

Втората причина е стареењето. Јапонија е нација со најмногу старци во светот. Толку многу, што снемуваат млади кои ќе работат. Со четиридневната работна недела, старите ќе работат помалку, а младите ќе имаат ден повеќе да се грижат за нив.

Јапонците кои беа светски прваци во прекувремена работа, за првпат ќе имаат долг викенд – секој викенд. И тоа, викенд од три дена. Според владата, ова ќе значи и повеќе шопинг и размрданост во економијата.