Иран порача дека ќе го почитува нуклеарниот договор дури кога САД ќе ги укинат санкциите

Иран ќе се врати кон почитувањето на своите одредби од нуклеарниот договор со шесте светски сили од 2015 година, дури откако ќе бидат отстранети американските санкции, порача во петокот вечерта портпаролот на министерство за надворешни работи во Техеран.

„Бараме укинување на американските санкции, тоа да го потврди Техеран а потоа Иран ќе продолжи со почитувањето на договорот. На потег е Вашингтон а не Техеран, да ја донесе одлуката“, изјави портпаролот на иранската дипломатија Саид Катибзадех.

Претходно во петокот функционер на американскиот Стејт департмент изјави дека Иран без одложување треба да се врати на соработката со Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA) за да можат инспекторите на оваа агенција при Обединетите нации да можат да следат дали Техеран го почитува договорот.

Инаку IAEA во петокот од Иран побара „брз одговор“ за тоа дали ќе го продолжи договорот за контролата која истече во петокот на полноќ.

Амбасадорот на Иран во IAEA, Казем Гарибабади, возврати дека „Иран не е должен да одговори“, на барањето на агенциајта, пренесе новинската агенција Tasnim.

Заменикот на рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Рјабков, изјави дека враќање кон нуклеарниот доовор со Иран е „надофат“.

САД во мандатот на претседателот Доналд Трамп, во мај 2018 година, еднострано се повлекоа од договорот, и притоа ги вратија децениските санкции за Иран. Иако администрацијата на сегашниот американски претседател Џо Бајден вети враќање во договорот, Вашингтон и натаму инсистира на споменатите прашања.

Од своја страна Техеран, откако европските потписници не успеаја да ја заштитат иранската економија од американските санкции, започна со постепено суспендирање на дел од своите обврски од договорот. Тоа вклучи и ораничување на меѓународните инспекции на неговите нуклеарни постројки, како и зголемување на нивото и количеството на збогатениот ураниум.

Преговорите за обновување на договорот од 2015-та веќе со седмици траат во Виена.

Ирански извори во средата објавија дека на преговорите за нуклеарниот договор во Виена е постигнат голем напредок и оти е планирано укинување на повеќе од илјада американски санкции. Шефот на кабинетот на иранскиот претседател Махмуд Ваези тогаш изјави дека ќе бидат „укинати 1.040 санкции, вклучително и оние над извозот на нафтата, банкарските трансакции и шпедицијата“.

Меѓу санкциите кои САД се согласиле да ги укинат се и ограничувањата насочени против поединци, како што е врховниот ирански водач ајатолахот Али Хамнеи, членовите на неговиот кабинет и вработените.

Постојат и санкции кои не се директно поврзани со нуклеарниот договор меѓу Иран и шесте светски сили постигнат во австриската престолнина кон крајот на 2015 година. За тоа прашање ќе биде потребно дополнително да се разговара. Според ирански извори, на разговорите претходно седмицава теми на разговорите не биле прашања како што е иранскат нуклеарна политика, политиките на Блискиот исток и човековите прашања, на коишто инсистираат САД уште од мај 2018 година кога се повлекоа од договорот, затоа што тие не се поврзани со нуклеарните пеговори.