Во својот прв голем политички собир како поранешен претседател, Доналд Трамп го обвини својот наследник на должноста демократот Џо Бајден дека ја уништува земјата и оти поради неговите политики Кина, Иран и Русија ги понижуваат САД
На митингот во Велингтон во сојузната држава Охајо, на кој присуствуваа илјадници негови приврзаници кои патуваа повеќе часови во колони, Трамп исто така ја нападна и миграциската политика на Демократската партија, и побара од приврзаниците да помогнат Републиканската партија да го врати мнозинството во Конгресот.
Како што рече Трамп, администрацијата на претседателот Бајден за само пет месеци се претворила во „целосна катастрофа“. „Криминалот е во пораст, убиствата растат (…) мигрантите ја преминуваат границата… такво нешто се нема случено“, рече поранешниот републикански претседател.
Иако држеше говори на републканските собири откако ја напушти Белата куќа, митингот во Охајо претставува враќање кон масовните собири кои беа пресудни за оддржувањето на големата поддршка од неговата база, таканаречените МАГА настани, од скратеницата Make America Great Again.
Во саботата пред илјадниците свои приврзаници, Трамп ги повтори своите редовни обвинувања за политичките противици, со критиките за односот кон изборното законодавство и начинот на кој беа одржани претседателските избори минатата година, и посебно предупреди на растот на приливот мигранти кои влегуваат во САД преку јужната граница.
„Имавме голема победа, тие направија нешто што никогаш не смееше да се дозволи. Ќе го вратиме Претставничкиот дом, ќе го вратиме Сенатот и ќе ја преземеме назад Америка, и тоа ќе го сториме наскоро“, порача Трамп.
Демократското тенко мнозинство во двата дома на Конгресот ќе биде на голем испит на изборите на половината од мандатот следната 2022 година. Историјата и моменталните односи во американското општество ги фаворизираат шансите на републиканците да преземат мандати од демократите на тие избори.
„Кина, Русија и Иран ја понижуваат нашата земја. Џо Бајден ја уништува нашата земја“, рече Трамп без да го појасни тврдењето, но се осврна на Заедничкиот сеопфатен план за акција за иранската нуклеарна програма (JCPOA) за чие повторно заживување смета дека ќе придонесе за „уништување“ на традиционалниот регионален американски сојузник Израел или ќе предизвика „голема војна“ на Блискиот исток.
„Сега се воспоставува повторно иранскиот договор, кој ќе го уништи Израел или, пак, ќе доведе до голема војна. Излеговме од иранскиот нуклеарен договор, кој му даде на Иран 150 милијарди долари. Размислете за тоа, тоа е безумен договор. И сега сакаме да го вратиме… Ние ќе склучевме договор со Иран за една седмица доколку изборите (во САД), не беа наместени и украдени“, рече Трамп.
Под водство на Трамп во мај 2018-та САД излегоа од нуклеарниот договор кој Иран го склучи со шесте светски сили во 2015 година, и врати мноштво американски санкции кои силно ја погодиа иранската економија. Трамп бараше нов договор во кој ќе биде вклучна и иранската ракетна програма и ќе има поголеми ограничувања за Техеран кој затоа престана со исполнување на своите обвриски од договорот и започна со збогатување на ураниумот кон нивоа од кои може да се дојде до атомско оружје. Администрацијата на актуелниот претседател Бајден вети враќање на САД во нуклеарниот договор, а иранската страна минатата седица изрази оптимизам во таа насока и најави укинување на илјадници санкции.
Пред собирот во Велингтон, Трамп јасно порача дека ќе му возврати на републиканскиот конгресмен од Охајо, Ентони Гонзалесз, кој беше еден од само десетте републиканци во Претставничкиот дом, кои се протагонисти на неолибералните струи и гласаа за негово отповикување од претседателската должност дури откако тој замина од Белата куќа. Целта на тој потег без преседан беше да се издејствува забрана за Трамп да се кандидира во иднина за која и да е политичка должност.
„Секој републиканец треба да гласа да биде исфрлен од должноста“, рече Трамп за Гонзалез нарекувајќи го „лажен републиканец.
По собирот во Охајо, Трамп планира да се обрати на Флорида по поводо националниот празник Денот на независноста на 4-ти јули, а следната седмица ќе отпатува на американско-мексиканската граница.