Блинкен: САД презедоа неопходни активности во Ирак и Сирија и испратија силна порака

EPA-EFE/OLIVIER HOSLET / POOL

САД презедоа неопходни и соодветни активности кога почнаа воздушни напади против милиции поддржани од Иран во Ирак и Сирија и со тоа испратија силна и важна порака, истакна денеска американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

„Презедовме неопходна, соодветна, намерна акција што беше дизајнирана да го ограничи ризикот од ескалација, но и да испратиме јасна и недвосмислена порака за спречување“, изјави Блинкен во Рим.

Американските борбени авиони од типовите „F-15“ и „F-16“ бомбардираа, според тврдењето на САД, оперативни објекти и складишта за оружје на две локации во Сирија и една во Ирак.

Официјален Багдад жестоко реагираше за нападот во пограничнаа зона, чија цел била група на шиитска ирачка милиција која се бори во регионот против џихадистичката Исламска држава. Во нападот е убиено едно дете и тројца цивили, според ирачката страна.

Нападите са извршени по директна извршна наредба на претседателот Џо Бајден и ова е вторпат американскиот претседател, откако ја презеде функцијата пред пет месеци, да нареди напад врз силите поддржани од Иран.

Ирачката влада го осуди воздушниот напад на САД по должината на нејзината граница со Сирија и нагласи дека ќе ги „проучи сите законски опции“ за да се спречи повторување на таквата акција.

Кабинетот, предводен од премиерот Мустафа ал-Кадими, одржа итен состанок на Советот за безбедност по воздушните напади на САД, што ги нарече кршење на ирачкиот суверенитет.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, веднаш реагираше со изјава во којашто порача дека е многу вознемирен од развојот на ситуацијата на Блискиот исток по американскиот воздушен напад и ги повика сите засегнати страни да се воздржат од натамошни непријателства.