Во денешното издание на „24 Анализа” на Телевизија 24 пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски околу еколошка такса којашто треба да влезе во Собранието со „европско знаменце“, истакна дека ВМРО-ДПМНЕ со сите можни инструменти ќе се обиде да направи блокада на усвојувањето на ова законско решение.
„Ќе ги искористиме сите демократски алатки што се на располагање во Собранието за да се блокира донесувањето на овој закон. ВМРО-ДПМНЕ не го блокира Собранието, туку блокира конкретни штетни законски решенија што ги предлага оваа Влада, во случајов воведување на некоја еколошка такса. Нема никакво образложение како оваа такса ќе влијае и какви еколошки импликации ќе има. Освен фискални импликации ништо друго нема да има. Во време кога јавниот долг ни расте Владата мора да пронаоѓа други начини како да го полни Буџетот. Кога ВМРО-ДПМНЕ кажуваше дека оваа влада ќе воведува нови даноци и давачки тие не убедуваа дека шириме лажни вести. За да денеска еве гледаме ќе воведуваат такса со Европско знаменце, која што директно ќе удри по џебот на граѓаните“, изјави Петрушевски.
Доколку се дрзнат овој закон да го протнат со Европско знаменце, рече тој ние повторно ќе ги известиме сите релевантни меѓународни институции и претставниците на Европската комисија и сите амбасади.
„Ќе ги известиме дека Владата шверцерски, насилнички и без дебата на опозицијата носи законски решенија. И тоа во време кога Европската унија тотално го напушта тој механизам за еколошка такса, оваа влада го воведува“, посочи Петрушевски.