Со закон, во Украина Украинците ќе се автохтони, а Русите само малцинство

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба тврди дека Предлог-законот за автохтоните народи предложен од украинскиот претседател Зеленски е целосно во согласност со Декларацијата на ОН за правата на автохтоните народи и нема никаква врска, како што рече, со „произволното толкување од рускиот претседател Владимир Путин“, јавува Блиц.

Тој објасни дека Уставот на Украина директно и недвосмислено гарантира еднаквост на сите граѓани во Украина, без оглед на етничкото потекло и одделно ја утврдува обврската на државата да ги штити автохтоните народи и националните малцинства, објави украинската амбасада во Белград.

– Затоа, изјавите за некои притисоци поради усвојувањето на предложениот закон за автохтоните народи не се точни. Во Украина, правата на руското национално малцинство, исто така, никогаш не биле ограничени – нагласи Кулеба.

Тој додаде дека Уставот на Украина, освен тоа, става посебен акцент на заштитата на правата на руското национално малцинство и прецизира дека во членот 10 од Уставот се вели дека „Украина гарантира слободен развој, употреба и заштита на рускиот и другите јазици на националните малцинства на Украина“.

Кулеба изјави дека предлог-законот дефинира кои народи може да се сметаат за автохтони:

– Тоа е автохтона етничка заедница формирана на територијата на Украина, носител на оригиналниот јазик и култура, има традиционални, социјални, културни или репрезентативни тела, којa се смета себеси за автохтон народ на Украина, која претставува етничко малцинство во своето население и која нема своја државна формација надвор од Украина.