Министерство за образование: 141 наставник унапреден во звање ментор

Согласно Законот за наставници и стручни соработници во основните и средните училишта, преку избор на прв јавен оглас, во звање ментор се унапредени 141 наставник од основните училишта, за што веќе се известени кандидатите и раководствата на училиштата.

Од министерството за образование (МОН) соопштија дека сите наставници кои се унапредени ќе го остварат правото на додаток на плата од околу 3.000 денари, по основ на напредување во звање ментор, со почетокот на новата учебна година, за што веќе се обезбедени средства во буџетот на Министерството за образование и наука.

Наставник-ментор е трето ниво во професионалниот развој, по приправничкото и наставничкото ниво. Менторот, освен што треба да го води наставникот – почетник низ училишни активности и да му помага во стекнувањата на потребни умеења и вештини за самостојна работа како наставник, ги менторира и студентите од факултетите за наставници, користи иновативни приоди и им помага на колегите во спроведување на акциски истражувања и учествува во изготвување на развојни политики на училиштето.

Наставниците-ментори ќе бидат вклучени во спроведувањето на новата Концепција во основно образование, која стартува од септември годинава во прво и четврто одделение, а реформските процеси во деветтолетката целосно ќе се имплементираат во следните 5-6 годдини.

-За еден наставник да може да аплицира за остварување на правото кое произлегува од новиот Закон за наставници и стручни соработници во основните и средните училишта чија цел е подигнување на дигнитетот и општествената важност на просветителската дејност, потребно е да исполнува неколку услови: да има најмалку седум години работни искуство како наставник, да е вработен на неопределено работно време и да ги исполнува професионалните стандарди за наставник-ментор – се наведува во соопштението.

МОН потсетува дека во тек е вториот јавен повик за наставници од основните училишта за напредување во звање ментор. Во самиот повик е наведена листата на училишта на кои се однесува.

Пријавувањето се спроведува исклучиво електронски преку karierenrazvoj.mon.gov.mk, каде во прилог на апликацијата се приложува и соодветна документација како доказ за исполнетост на наведените услови. Крајниот рок за аплицирање е 15 јули 2021 година.

Министерството за образование и наука ги повикува сите наставници од наведените јавни основни училишта во повикот, доколку ги исполнуваат условите, да ја поднесат својата пријава во предвидениот рок за да го остварат законски утврденото право за напредување во звање „ментор“, а со тоа и да си обезбедат повисок личен приход.

Одбиените кандидати од првиот јавен повик имаат можност за поднесување жалба по основ на објавените резултати до соодветната комисија, откако на домашна адреса ќе го добијат решението со кое нивната апликација се одбива.