Владата на Северна Македонија не ги исполнува целосно минималните стандарди за елиминирање на трговијата со луѓе, но прави значителни напори да го стори тоа, се истакнува на почетокот од Извештајот на Стејт департментот за трговија со луѓе, во делот кој се однесува за Македонија и со што земјата од лидер во регионот станува држава која не исполнува минимум критериуми.
Македонија и оваа година се најде во групата ТИЕР 2, односно меѓу земјите кои не исполнуваат минимум критериуми за борба против трговијата со луѓе. Ваквите анализи се поразителни за Македонија, особено ако се земе предвид дека земјава до 2015 година, години наназад беше во групата ТИЕР 1, односно меѓу земјите кои успешно се справуваат со трговијата на луѓе.
Во Извештајот, меѓу другото се наведува дека владата, претежно со техничка и финансиска поддршка од донатори, меѓународни и невладини организации, обучува судии, обвинители и полициски службеници.
-Владата не спровела никакви меѓународни истраги или екстрадиции. Корупцијата и соучеството во злосторствата со трговија со луѓе останува загрижувачка, но во 2018 година, владата го измени членот 418 (а) за да се намали пропишаниот минимум од осум години затвор за осудени соучесници службеници на минимум од пет години затвор. Владата не пријави нови истраги, обвинувања или осудувања на државни службеници соучесници во кривични дела за трговија со луѓе, стои во дел од Извештајот.
Години назанад, Македонија како единствена земја од регионот беше рангирана во ТИЕР 1 групата и успешно се справуваше со трговијата на луѓе. Негрижата на властите кон ова прашање, доведоа Македонија од лидер во регионот, да го загуби статусот и да ја влоши состојбата.
Потврдата од Стејт департментот која Македонија претходно ја имаше, значеше верификација за континуираниот ангажман и посветеност во справувањето со овој облик на организиран криминал. Македонија беше во група со Австрија, Германија, Данска, Финска, Франција, Чешка, Канада, Норвешка, Холандија, Белгија, Швајцарија, Шведска и други. Но сега е држава која не исполнува минимум критериуми за борба против трговијата со луѓе.