
Опозициската пaртија ВМРО-ДПМНЕ на низа средби со пратеници од парламентарното мнозинство во понеделникот ќе бара поддршка за нејзината предлог-резолуција за дефинирање на македонските „црвени линии“ во врска идентитетските прашања во спорот со Бугарија, која во петокот ја најави партискиот челник Христијан Мицкоски.
Според најавите, пратениците Антонијо Милошоски и Тимчо Муцунски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, денеска прво ќе се сретнат со пратеници од Либерално-демократскта партија (ЛДП) и Демократска обнова на Македонија (ДОМ), односно Моника Зајкова, Боби Мојсоски и Маја Морачанин, а подоцна и со пратеникот на Демократски сојуз, Павле Трајанов.
Милошоски и Муцунски пред пратениците од мнозинството ќе ја презентираат предлог-резолуцијата „За македонските државни позиции во однос на евроинтеграциите и непринципиелните блокади од Бугарија“.