
Досега имавме седум Самити на Берлинскиот процес и сите тие ја докажаа и продлабочија нашата посветеност на регионалната соработка, истакна премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, во своето обраќање на Самитот на земјите од Западен Балкан.
Тој посочи дека во изминатите неколку недели се одржале неколку министерски и технички состаноци на тема Берлински процес, преку кои се зајакнати напорите за реален напредок во реформските процеси и регионалната економска соработка.
За сите нас е несомнено јасно дека само со интегриран и поврзан регион може да се движиме постојано кон нашата основна цел – членство во ЕУ. Имајќи го тоа предвид, од неодамна влеговме во нова фаза на нашата соработка. Имено како регион преземавме на наш товар многу иницијативи и процеси, но исто така испорачавме и резултати. Од друга страна, ние, лидерите на земјите од регионот, истакнавме дека проширувањето на ЕУ претставува стратешка цел за земјите од Западен Балкан. Без сомнение, целосната интеграција на Западен Балкан во Европското семејство треба да биде природен исход на реформскиот пат на регионот и столб за долгорочен мир и стабилност. Се согласивме дека регионалната соработка е основен фактор, а не замена за Западен Балкан на нивниот пат кон членството во ЕУ- вели Заев.
Тој смета дека Берлинскиот процес го движи Западен Балкан во вистинска насока, особено во врска со регионалната економска соработка.
Самитот го отвори германската канцеларка Ангела Меркел која во своето обраќање се заблагодари на целиот регион, на политичките лидери, како и на сите меѓународни институции, Европската Комисија и земјите членки на ЕУ кои го потпомагаа овој процес во изминатите седум години.
Покрај Заев на Самитот говореа и премиерите од земјите членки на Западен Балкан, премиерите на Грција, Хрватска, Словенија, Италија, Бугарија како и францускиот претседател Емануел Макрон и австрискиот канцелар Себастијан Курц. Самитот продолжува со својата работа и во текот на ова попладне по што се очекува да бидат прифатени заклучоците од оваа сесија.