Бројот на жртвите во уривањето на зградата во Мајами се искачи на 36

Спасувачките тимови извлекоа во вторникот уште четири тела на жртвите во уривањето на станбената зграда во Серфсајд во сојузната американска држава Флорида, со што бројот на загинатите се искачи на 36.

Информациите за новиот број на жртвите во несреќата за новинарите ги потврди градоначалничката на округот Мајами-Дејд, Даниела Левин Кава.

„И покрај дождот и другите тешки временски услови, од под уранитините ги извлековме телата на уште четири жртви. Вкупниот потврден број на жртвите сега е 36“, изјави Левин Кава.

Крило од повеќекатната станбена зграда во Серфсајд се урна ноќта на 24-ти јуни. Првиот ден од спасувачката потрага од урнатините беа извлечени 37 преживеани, но оттогаш не се пронајдени други преживеани. Уште 109 лица сѐ уште се водат како исчезнати, а спасувачките служби не веруваат дека меѓу нив има веќе преживеани но порачаа дека до крајот ќе ги вложат сите напори.

Иследниците сѐ уште не утврдиле која е точната причини за колапсо на речиси половина од станбениот блок „Champlain Towers South“, изградена пред 40 години, во веројатно најсмртоносното уривање на зграда во историјата на САД.

Извештајот на инженер за процена на состојба на објекти од 2018 година, подготвен за потребите на повторното безбедносно сертификување на зградата, открил недостатоци во градежната структура и на него сега се темелат испитувањата за причините за несреќата. Во април жителите на зградата добиле писмо во коешто претседателот на здржението на станарите предупредил дека бетонската конструкција во подножјето на зградата, на што укажал и инженерот, во меѓувреме дополнително „значително е оштетена“, како што се верува под влијание на солениот воздух кој предизвикува ерозија.

Државната обвинителка на округот Мајами-Дејд, Катрин Фернандез Рандл, најави дека освен кривична истрага, ќе формира и специјална комисија којашто ќе се испита безбедноста на зградата и ќе утврдат „чекорите кои треба да се преземат поради заштита на станарите“ од слични катастрофи во иднината.