Ден на молк пред повторените парламентарни избори во Бугарија

Во Бугарија во саботата настапи молк пред утрешните предвремени парламентарни избори.

Според поголем дел од социолошките истражувања во Бугарија, партијата на шоуменот и телевиискиот водител Слави Трифонов води со минимална предност пред владејачката партија во Бугарија веќе десетина години ГЕРБ на Бојко Борисов.

Последната анкета спроведена од агенцијата „Тренд“ покажува дека партијата „Има таков народ“ ја има довербата од 21,3 проценти од гласачите, а ГЕРБ-СДС од 20,5 отсто. Бугарската Социјалистичка партија засега останува на трето место со 15,9 отсто поддршка од гласачите.

Во текот на  предизборната кампања, партијата на поранешниот министер за правда Христо Иванов, прозападната „Демократска Бугарија“, успеа да забележи раст на поддршката за нешто повеќе од еден отсто во однос на нејзиниот ривал, Движењето за права и слободи, која може да биде четврта политичка сила во новиот бугарски парламент.

Коалицијата на поранешниот народен правобранител на Бугарија, Маја Манолова „Исправи се. Мафијата надвор“, според анкетата, ќе влезе во новиот Парламент со освоени 5,1 отсто од гласовите. Во новиот 46-ти состав на Народното собрание на Бугарија би се нашла и коалицијата „Бугарски патриоти – ВМРО, Волја и НФСБ“, која би го достигнала изборниот праг до четири проценти.