
Бугарските избирачи во неделата гласаат за составот на 46-то Национално собрание (еднодомниот парламент), на повторени избори кои повторно можат да завршат без јасен победник и повторно да доведат до тешки преговори за состав на новата влада.
Гласањето е второ во само три месеца, откако изборите во април резултираа со фрагментиран парламент кој не успее да се договори за формирање на владата и покажаа длабоку поделби во Бугарија околу оставнината од дологошното владеење на Бојко Борисов. Но прашање е колку партиите појавени од протест против етаблираните групации ќе можат да ја пеземат власта.
Ширум земјата во 7 часот по локално време се отворени околу 13.000 избирачки места на кои до 20 часот ќе можат да гласаат околу 6,7 милиони лица со право на глас. Во странство се отворени уште околу 800 избирачки мести, вклучително и во Македонија.
За мандатите ќе се натпреваруваат 23 партии и коалиции, а според анкетите само шест или седум од нив ќе имаат свои претставници. Текот на изборниот процес ќе го следат над 3.000 наљудувачи, меѓу кои и 20 парламентарци и членови на мисијата на ОБСЕ од десет земји, а во подготовките за излезните анкети се ангажирани пет агенции за социолошки истражувања.
И овие избори во Бугарија ќе се одржат во вонредна епидемиолошка состојба поради коронавирусот, поради што е задолжително одржувањето на физичкото растојание од 1,5 метри, носењето заштитни маски и дезинфекција на избирачките места.
Околу 20.000 полициски службеници се ангажирани за одржување на редот на избирачките места, како и за спречување евентуални изборни манипулации.
Два дена пред гласањето водечките агенции за истражувања на јавното мнение ги објавија последните предизборни прогнози кои сугерираат дека и овојпат нема да има јасен изборен победник.
Партијата Граѓани за евопски развој на Бугарија (ГЕРБ) во коалиција со Сојузот на демократските сили (СДС) која доминираше во владите на Бојко Борисов речиси цела деценија, и нивниот главен политички опонент антисистемската партија „Има таков народ“ (ИТН), на познатиот шоумен и телевизиски водител Слави Трифонов, имаат речиси еднаква поддршка кај гласачите со околу 21 отсто.
Третото место во анкетите го зазема Бугарската социјалистичка партија (БСП) со 16 отсто доверба, по што следуваат Демократска Бугарија партијата на поранешниот министер за правда Христо Иванов и турската етничка партија Движење за права и слободи (ДПС) со околу 12 проценти, како и партијата на поранешниот народен правобранител на Бугарија, Маја Манолова „Исправи се. Мафијата надвор“ која ужива 6-процентна поддршка.
Со голема веројатност се претпоставува дека овојпат коалицијата „Бугарски патриоти – ВМРО-БНД, Волја и НФСБ“, би го достигнала изборниот праг од четири проценти.
Изборната кампања изминатиов период се одвиваше со слаб интензитет, практично и немеше остри јавни дебати, масовни предизборни активности и митинзи.
Последната предизборна седмица беше одбележана со масовни полициски акции против купувањето гласови. Десетици кривични случаи се покренати во врска со груби нарушувања на изборниот законик во разни региони на земјата, а меѓу приведените имаше и кандидат за пратеници, градоначалници и застапници во локалните совети.
Вкупно во текот на оваа акција беа идентифокувани над 600 лица, кои полицијата ги опиша како „водачи на групи кои влијаат врз изборниот процес“. Според процените на аналитичарите, околу 300.000 луѓе биле подготвени да ги продатат своите гласови.
Парламентарните избори се очекува да дадат одговор на прашањето дали е можно создавање мнозинство за поддршка на нова стабилна влада. Политичките коментатори оценуваат дека е недвосмислено дека за нејзино фомирање ќе биде неопходно коалицирање на три групации. Политичките формации „Има таков народ“, „Демократска Бугарија“ и „Исправи се. Мафијата надвор“, се чини, сега се подготвени за меѓусебен договор, но прелиминарните пресметки покажуваа дека тие веројатно нема да можат да обезбедат стабилно мнозинство во парламентот.
Изминатите десет години владејачката ГЕРБ најверојатно повторно ќе биде изолирана. Сите политички коалиции, кои беа активни во кампањата и високо котираат во анкетите веќе најавија дека нема да коалицираат со неа.
Првите податоци од излезните анкети ќе бидат објавени во неделата по 20 часот.