
Тимови на здравствениот дом „Др Хаим Абраванел“-Битола од утре до 27 јули ќе вршат теренска вакцинација на жителите од битолските рурални средини.
Први со вакцинацијата ќе бидат опфатени жителите од селата Кравари, Оптичари, Егри, Жабени, Кременица и Меџитлија, кои ќе треба да се вакцинираат во пунктовите лоцирани во тамошните училишта.
На 13-ти јули тимовите на Здравствен дом ќе престојуваат во потпелистерски села Дихово, Нижо Поле, Трново, Магарево, Брусник и Лавци, а на 14 јули во Буково, Крстоар, Бистрица, Олевени, Барешани и Канино.
Според јавно истакниот план за теренска вакцинација во Општина Битола до 27 јули ќе бидат опфатени над 50 битолски села, а ќе се вакцинира и населението во општините Новаци и Могила.