По неизвесната ноќ, поради невремето што го зафати Охрид и одложената генерална проба која траеше по полноќ, сè е подготвено за вечерашното отворање на 61 издание на фестивалот Охридско лето. Отворањето на Античкиот театар ќе биде со колаж од класични балетски дела, во изведба на нашиот Национален балет , на музика од големиот руски композитор Петар Илич Чајковски.
Настапот ќе биде придружуван од симфонискиот оркестар на НОБ, под диригентство на Бисера Чадловска. Како солисти ќе настапат балетските првенци: Марија Кичевска, Мирјана Поп Алексова, Бобан Ковачевски и Васили Чичијашвили. Во историјата на Охридско лето, ова е втор пат исклучиво балетска игра да биде на отворањето на фестивалот.
Претседателот Стево Пендаровски, вечерва – 12 јули 2021 година, понеделник, ќе присуствува и ќе се обрати на свеченото отворање на 61-то издание на „Охридско лето“, во Античкиот театар во Охрид со почеток во 21:00 часот.
Обраќањето на претседателот Пендаровски ќе се пренесува во живо на првиот програмски сервис на МТВ, како и на Facebook страницата и на YouTube каналот на Претседателот.
Реномираниот меѓународен фестивал „Охридско лето“, којшто традиционално се одржува под покровителство на Претседателот на државата, годинава свечено ќе биде отворен со гала балетскиот концерт „Големиот Чајковски“ во изведба на уметниците од Националната опера и Балет.
Фестивалот и годинава ќе се одржува со примена на мерки за заштита од корона вирусот, но, за разлика од лани го задржува традиционалниот термин- до 20 август. Ќе настапат 500 уметници од 18 земји. Програмата со класична музика што ја направи селекторката Даница Стојанова, вклучува 34 концерти , со фокус на реномираните домашни уметници во странство. Ќе бидат изведени 4 претстави од нашите театари и две гостувања од регионот, по избор на селекторот Александар Поповски. Во чест на 100 годишнината од раѓањето на Блаже Конески, српскиот актер Иван Босиљчиќ ќе говори негова поезија. Програмата ќе се одржи на отворени сцени и во ЦК „ Григор Прличев“.