Прва комерцијална имплантација на вештачо срце на компанијата „Carmat“

Француската компанија „Carmat“ во понеделникот објави дека првпат продала примерок од своето целосно вештачко срце, познато под називот „Aeson“, коешто потоа е имплантирано кај пациент во италијанска болница во Неапол, со што се пробива патот за натамошен комерцијален развој.

Вградувањето на целосно вештачкото срце го извел кардиохирургот Чиро Мајело во болничкиот центар во Неапол, кој во Италија е водечки во занењето и искуствата во врска со примената на вештачкото срце.

Ниедно од вештачките срца „Aeson“ досега не беше употребено надвор од рамките на клиничките студии, истакна портаролката на „Carmat“. Додаде дека трошоците за операцијата од 150.000 евра ги покрил регионалниот здравствен систем кој очекува враќање на трошоците од националниот завој за јавно здравство.

Вештачкото срце на „Cаrmat“ е дизајнирано за сите пациенти кои патат од хронично затајување на срцетот или од акутни затајувања коишто следат по инфаркт. Изумот, исто така, би требало да им помогне на пациентите со хронични коронарни болести и артеиска хипертензија.

Компанијата на 15-ти јули ја објави првата хумана имплантација на нејзиното вештачко срце во САД во рамките на клиничкото истражување во Универзитетската болница Дарем во сојузната држава Северна Каролина. Болницата е дел од познатиот Универзитет Дјук.

Веднаш по објавувањето на таа вест, акциите на „Carmat“ на париската берза скокнаа за 6,77 отсто, на 23,53 евра.