Македонски ден на „Џифони искуство“

Македонија денеска е во фокусот на најголемиот филмски фестивал за деца и млади „Џифони искуство“.

Активностите почнуваат со прес-конференција на која ќе биде најавено претстојното второ издание на „Џифони Македонија“ што ќе се одржи од 8 до 12 октомври годинава, а ќе стане збор и за македонско-италијанската соработка во областа на филмот и културата воопшто.

Покрај директорот на Агенцијата за филм Дарко Башески, извршната директорка на „Џифони Македонија“ Елена Величковска Николовска и уметничкиот директор Иво Антов, на прес-конференцијата ќе присуствува и гувернерот на областа Кампанија, Стефано Калдоро.

Програмата продолжува со ревија македонски филмови. Прикажани ќе бидат краткиот анимиран „Алерик“ на Вук Митевски, како и краткометражните играни „Мангава Диско Панк“ на Саша Станишиќ, „Бардо“ на Марија Апчевска и „За Ангела“, филм изработен лани, за првото издание на „Џифони Македонија“.

Учесниците на „Џифони искуство“ ќе може да ја видат и изложбата „Запознај ја Македонија низ фотографија“, но и да добијат брошури „Филминг ин Мацедониа“, како и каталози за македонските филмови од периодот 2013/2014.

Македонскиот ден ќе биде заокружен со настап на мултиинструменталистот Мухамед Ибрахими и дегустирање наши традиционални производи, сирења, вино, локум.

МИА