
Бројот на новозаразени од Ковид-19 во Белгија се зголемува како и хоспитализациите, властите апелираат да се остане внимателен и покрај брзото темпо на вакцинација, јави дописничката на МИА од Брисел.
Епидемијата значајно се смири во текот на јуни, мерките беа олабавени, и вакцинацијата почна да се забрзува, но периодот на одмори и новиот делта сој на вирусот повторно создадоа ризична здравствена состојба во Белгија.
Последните бројки покажуваат раст од 80 отсто на новите случаи на почетокот на овој месец, ова стапка е намалена на 42 отсто во последната недела, но во секој случај болеста продолжува да напредува во земјата.
Загрижуваат и податоците за новите хоспитализации, со скок од 48 отсто во последната седмица, а 84 се наоѓаат на интензивна нега.
Стапката на репродукција на вирусот изнесува 1,29, што значи дека вирусот брзо се шири.
Сепак охрабрува стапката на смртни случаи која е намалена за 15 отсто, што е најверојатно резултат на високата стапка на вакцинирани лица. Во овој момент над 67 отсто од населението е целосно вакцинирано. (МИА)