
Индонезиец позитивен на корона решил да се преправи дека е жена му, за да може да лета со авион. Ги зел нејзиниот пасош и негативниот тест, ставил бурка на главата и поминал покрај обезбедувањето, пишува Би-би-си.
Сè ќе поминело незабележано, ако на сред летање извесниот Д.Ф. не се пресоблекол во своите нормални алишта во тоалет-кабината, што направило стјуардесата веднаш да препознае дека има непознат човек во авионот. Кога слетале Д.Ф. бил тестиран позитивен и ќе оди 14 дена во карантин, а потоа веќе нема да биде гонет, објаснуваат од полицијата.
Индонезиецот сакал да лета за време на Курбан бајрам, кога повеќето авиокомпании во земјата ги ограничиле линиите. Тоа не е изненадување ако знаеме дека во последните недели Индонезија стана епицентар на заразите со ковид во Азија, со околу 50.000 нови случаи дневно.
Недостигот на боци со кислород и на човечки ресурси се само дел од проблемите со кои се соочија преполните болници во Индонезија. Земјата многу бавно ги вакцинира своите граѓани, што може да е причината за ваквите бројки, додека некои причината ја бараат во новиот делта-сој кој се појави пролетва. Вкупно се заразиле околу 3 милиони Индонезијци, а повеќе од 72.000 починале.