Во албанското пристаниште Драч, во контејнер со јужно овошје натоварен во Еквадор, откриени и запленети се 6,5 килограми кокаин, јави дописничката на МИА од Тирана.
Од полицијата соопштуваат дека била извршена детална контрола во 10 контејнери на компанијата „Алба егзотично овошје”(Alba Exotic Fruit) каде, како резултат на деталната
контрола, во еден од контејнерите биле пронајдена и запленета дрогата, пакувана во неколку пакетчиња.
Во контејнер со банани за истата компанија на 13. месецов беа откриени над 11,6 килограми
кокаин. Тогаш беше уапсен менаџерот на компанијата Бајрам Гумени, додека по сопственикот Едуарт Даути се трага.
Даути, тогаш за албанските медуми изјави дека со семејството се наоѓа во Франција, дека нема никаква поврзаност со тоа и оти веднаш ќе се врати во Тирана за да ја потврди својата
невиност.
– Не сум одговорен за тоа што е ставено во контејнерот по пат. Албанските шверцери ја користат мојата стока за транспорт на нивната дрога, изјави тој.
Според медиумте, ова е третпат оваа компанија да ја користат шверцерите со кокаин од Еквадор во Албанија.
Во 2017 година, во грчкото пристаниште Пиреја, во контејнер од оваа компанија е откриена количина од 137 килограми кокаин. Во овој случај беа уапсени две лица, додека по едно се уште се трага. Вмешаност на сопственикот на компанијата не беше утврдена.
Во Драч на 1 април беа откриени 49 килограми кокаин, а на 10 април 140, скриени во контејнери со банани натоварени во Еквадор. На 18, минатиот месец, пак, во ова пристаниште беа запленети 324 килограми кокаин, во камион натоверен со железо, а крајна дестинација била Италија. Возач на камионот беше македонскиот државјанин Н.А.