Мултимедијалната приказна за јагулите на Кристина Пулејкова денеска во Охрид (ФОТО+ВИДЕО)

На 24 јули во 21 часот на Главното пристаниште во Охрид ќе се одржи „Место на спојување“, мултимедијален проект на уметницата Кристина Пулејкова, кој низ водени проекции, виртуелна реалност и танц ја раскажува фасцинантната приказна за животот и миграцијата на охридската јагула, која е дел од видот европска јагула. Влезот е слободен.

Проектот технички го реализира Кумев брадерс со проекции на вода.

Пулејкова е македонска уметница, која живее на релацијата Скопје -Лондон, чија интердисциплинарна практика во уметноста е надополнета со наука и технологија. Уметничките дела на Пулејкова имаат цел да истражат како користењето на технологијата може да добие своја оправданост во одржувањето на релацијата човек-природа. Работејќи со подвижни слики, звук и инсталации цели кон создавање субјективни наративи, базирани на научни податоци и принципи.

Делото „Место на спојување“ е базирано на уникатната миграција на критично загрозената европска јагула. Следејќи го животот на две јагули што доаѓаат од различни заднини (едната живее во Охридско Езеро, додека другата во реката Темза во Лондон) делото ќе се обиде да исцрта паралели помеѓу човечките искуства и оние на јагулата во поглед на миграцијата и самоостварувањето. За жал, охридската јагула е спречена да го остварува својот природен репродуктивен пат, бидејќи во 1962 година на трасата на јагулата била изградена брана кон Република Албанија, а денес се наоѓаат на таа линија уште 5 други брани. Од тогаш Охридско Езеро вештачки се порибува со јагули. Овој дискурс го поставува на сериозно рамниште прашањето за човековото влијание врз еколошките катастрофи, од една страна, а исто така и политичкиот удел, перспективи и платформи од друга страна.

Авторката миграцијата на јагулата до Саргасово Море ја користи како аналогија за човечкиот стремеж кон самоостварување, потрагата по тоа утописко место на спојување и состојба на битисување.

Овој концепт визуелно, Пулејкова го срочува во подвижни слики, во форма на кореографски танц на две човечки индивидуи што имаат аналогија на јагули, визуелна и звучна нарација надополнета со дигитални и звучни анимации што имаат цел да го збогатат проектниот вокабулар и да создадат холографска симулација за „свадбениот пат“ на јагулата.

Проектот на Пулејкова, „Место на спојување“, иницира дебата за свесноста за катастрофалната состојба и загрозеноста на европската јагула генерално и критикува за „политичката надмоќ“ на човекот врз судбината на охридската јагула локално. Овој проект порачува да се создаде платформа за спречување на еколошките катастрофи, да се влијае врз климатските промени и би се стопирале многубројните апсурдни состојби во екосистемот итн. Од друга страна, покрај еколошката предоминанта на проектот, со јазикот на визуелните прикази Пулејкова допира и суштински политички дискурси, ја проектира македонската перспектива и стремење кон европската иднина.

Проектот „Место на спојување“ е поддржан од Принц Клаус Фонд за култура и развој и Гете институтот во рамките на програмата Уметнички и културни согледувања на климатските промени.

Охрид, 24.7.2021

Локација: Главно пристаниште Охрид

Почеток во 21 часот

Слободен влез