Арбреша Реџепи ги заврши настапите на Игрите во Токио

Македонската џудистка Арбреша Реџепи за една минута го заврши настапот на Летните Олимписки игри во Токио, откако загуби уште во првото коло од Британката Челзи Гил во категоријата до 52 килограми на ЛОИ во Токио.

Реџепи беше третата македонска олимпијка која настапи на овие ЛОИ од осумте спортисти кои ги имаме на овие Игри, но имаше разочарувачки настап со пораз веќе на стартот, иако младата џудистка имаше многу поголеми амбици.

Борбата траеше нешто помалку од минута, а експресно Гил стигна до победата.

Македонската спортистка беше поразена со ипон, што со боксерски речник значи предвремен прекин на борбата (технички нокаут). Британката се покажа како поквалитетен ривал, што го покажа и во натамошните борби по кои влезе во игра за медал.

Пред Реџепи, Бојан Бранковски заврши на 21-то место во квалификациите во стрелаштво со воздушен пиштол на 10 метри, поставувајќи нов национален рекорд, додека младиот пливач Филип Дерковски беше последен на 400 метри слободно во квалификациите.