Победничката партија на последните парламентарни избори во Бугарија „Има таков народ“ денеска ќе одржи консултации и со Движењето за права и слободи (ДПС).
Станува збор за последната од планираните средби на највисоко ниво меѓу партијата на шоуменот и телевизискиот водител Слави Трифонов и пратеничките групи, без ГЕРБ/СДС, во составот на 46-то Национално собрание на Бугарија.
„Има таков народ“ побара разговори со Движењето за права и слободи (ДПС) на турското малцинстов, во обид да се обезбеди најшироко можно парламентарно мнозинство за нивните идни политики. Според софиските медиуми, денешната средба е оптоварена со најмногу очекувања и предизвикува најголем интерес кај медиумите и политичките набудувачи.
„Има таков народ“, го покани на разговори ДПС, и покрај категоричните позиции на другите партии, дека тие нема да ја поддржат нивната влада ако во неа учестгвуваат ГЕРБ и ДПС.
Претседателот на парламентарната група на „Има таков народ“, Тошко Јорданов. истакна дека целта на консултациите е да се видат приоритетите и политиките, а не се за поединци и теснопартиски интереси. Тој, за време на консултациите со други партии, рече дека никој не сака ниту ГЕРБ, ниту ДПС, да учествуваат на кој и да е начин во новата влада.