Еден пријател кој ме познава поодамна, ми рече добро Христијан гледај со кого си имаш работа, со Зоран Заев кому Горни Милановац му е најсеверната точка во бизнис кариерата, постојано си мета на црна пропаганда, а на мравка не си згазнал, им раскажа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на насобраните граѓани на прославата на Илинден во струшко Ташмаруништа.
– Трпиш навреди, невистини кон тебе и твоето семејство, што се вели гомила неправди, сопки, закани, разочарувања, а светот може да ти е на дланка. Мојот одговор беше едноставен, ако сите си заминеме и кренеме раце, тогаш го разочаруваме својот народ, но и своите семејства. Не се тие посилни од нас, и нема да бегаме од намерата да се спротивставиме, да ги поразиме и да ја смениме судбината на сите идни генерации и наши деца. Нема повлекување, нема наведнување на главата ќе се бориме и одиме до крај до последно. Не се тие посилни ниту од мојата, ниту од заедничката посветеност и одлучност до последниот здив да се бориме и да ја смениме оваа наша тешка реалност, ова наше тешко секојдневно политичко мочуриште – рече Мицкоски.
Македонија, додаде тој, има иднина во новата генерација политичари и јасно е дека ВМРО-ДПМНЕ ја има поддршката од народот.
– Работата не е да направиме коалиција за власт, туку коалицијата на народот против Заев. Од тука, точката на нашето обединување е да дадеме отпор кон власта и да ја кренеме урнисаната држава на нозе. Но затоа е потребен свесен народ, и политичари кои ќе гледаат подолгорочно од своите апетити и интереси. Затоа обединувањето во еден блок против оваа власт ќе биде жесток шамар за власта која ќе падне за неколку месеци веднаш по локалните избори. И само така ќе може да ставиме точка на криминалот, на тапкањето во место и да обезбедиме иднина за сите, да обезбедиме Македонија за сите луѓе. Блок на различни, но со една цел, туркање на оваа власт. Овие локални избори не се само избори каде што вие ќе гласате за или против локалните авторите и медиокритети кои што се залегнати во своите фотелји, туку каква порака ќе испратите на тие кои упорно ги кандидираат и ги навредуваат вашиот ум и вашата интелигенција – вели Мицкоски.
Според него обединувањето ќе покаже кој е кој, кој е маша на Заев, а кој води автентична политика за народот. Тие што нема да се обединат јасно е дека се заевата испостава и народот треба кон нив да ги гледа како такви.
– Воедно обединувањето значи дека ги надминавме разликите во опозицијата. Немаме повеќе животи за трошење. На една маса мораме да седнеме сите на кои Македонија ни е важна и таква подадена рака ќе значи свесен чекор и одговорност кон народот. Народот ќе ја види разликата. Една прачка лесно се крши, но цел сноб прачки е силен како греда. Затоа тука во Ташмаруништа, на ден Илинден испраќам порака на обединување, не нешто што е многу повеќе од коалиција за власт, туку обединување на блок, составен од обесправени, жедни за правда и добар живот против власта која ги краде нашите животи и ја одзема иднината. Илинден обедини генерации Македонци за слобода, и за тоа испраќам апел за обединување против оваа корумпирана и криминална власт и рушење на локалните избори – порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.