Димитриевски: Изгасени се 9 пожари во кумановскиот регион

Градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски, денеска одржа прес-конференција на која информираше за состојбата со пожарите на територијата на општина Куманово.

-Во последните 24 часа на територија на Општина Куманово имаме регистрирано 9 пожари и интервенирано од страна на нашата територијална противпожарна единица, и тоа на отворен простор и шумски пожари локација – Тромеѓа, Четирце, Пуковско, Пезово, Бељаковце. Дополнително, и на локација Доброшане каде што е интервенирано при гасење на фабрика за преработка на дрво, локација Зубовце викенд куќа и Мургаш каде всушност е и најсериозниот пожар во изминатите 24 часа, во кој беа опожарени поголем број на куќи, покуќнини, домаќинства. За среќа нема човечки жртви и немаме сериозни здравствени повреди, освен во еден случај кадешто дополнително од страна на надлежни медицински лица ќе се утврдат последиците, потенцираше Димитриевски.

Противпожарната едицина во составот на Општината делуваше дополнително и на три други локации. Во соседна општина Старо Нагоричане, и тоа на локација Малотино. Повеќе од 36 часа даваат континуирана поддршка на противпожарните екипи кои работат на тој терен, како и дополнително на локација на село Ваксинци и село Матејче.

-Заклучокот на Општинскиот штаб за заштита и спасување е дополнителните сили коишто ги имаме на располагање на противпожарната единица од Куманово да се стават на испомош на соседната општина Старо Нагоричане за справување со состојбата во Кокино, а воедно и силите на јавното претпријатие Чистота и зеленило коешто врши континуиран дотур на вода со свои цистерни, на овие локации дава директна помош на самите противпожарни екипи, рече Димитривски.

Градоначалникот Димитриевски повика на смиреност и почитување на сите мерки и одлуки на Владата и централниот кризен штаб, затоа што само единствено ако сме дисциплинирани може да се излезе и да се биде корисен на пожарникарите и противпожарните единици кои деноноќно работат за спречување на ваквите состојби.

Во однос на причината за настанатите пожари, тој истакна дека одговорноста треба да ја утврдат надлежните државни органи.

-Според укажувањата на дел од граѓаните сметаат дека можеби и електричната инсталација на одредени локации, т.е преносот на електрична енергија е една од причините за појава на пожар на локација селото Мургаш. Лично, утрово ги посетив овие опожарени локации. Во моментов, покрај тоа што комплетно територијата на село Мургаш е ставена под контрола, се работи активно и на локација во близина на село Бељаковце или локалитет Липец, кадешто директно имаме противпожарна екипа. Апелирам до месното население кое живее во село Бељаковце и на оваа територија да биде во приправност, бидејќи имаме одредени места кои може да се реактивираат. Потребна е и граѓанска асистенција на одредени локации доколку приметат навремено да пријават до надлежните органи, а и дополнително самите да се вклучат во локализирање на таквите пожари на отворено, изјави Димитриевски.

Димитриевски изрази задоволство за високата професионалност, одговорниот пристап и надчовечките напори за ангажманот на противпожарните екипи во последните 36 часа.

-Ги известувам граѓаните дека Општина Куманово има на располагање и свои резервни сили за гасење пожари на отворено кои се составени од вработени во јавните претпријатија Чистота и зеленило, и јавното претпријатие Водовод Куманово, и доколку е потребно истите, исто така ќе бидат дополнително ангажирани. Нашиот приоритет и законска обврска е да делуваме на територија на Општина Куманово, но во секој момент сме подготвени да дадеме испомош како што и даваме на останатите општини во нашиот регион и во нашата држава, дали по директно нивно барање или пак по барање на централниот штаб за управување со кризи, информираше Димитриевски.