Собранието донесе измени на пет закони

Собранието на Република Македонија попладнево на продолжението на 10-та седница по скратена постапка ги донесе измените и дополнувањата на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, на Законот за работните односи, на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, како и дополнувањата на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност и на Законот за здравствено осигурување.

 

Измените и дополнувањата на сите пет законски решенија се со цел да се заштитат интересите на работниците во различните институции.

Со измените и дополнувањата на Законот за работните односи се овозможува право на избор на работниците кога ќе одат во пензија, секој индивидуално да процени кој е оптималниот термин за него за да оди во пензија. Приоритет на ова законско решение е насочување на работникот да може тој да избира. Досега постоеше законска можност на работникот да може да му се продолжи времето на работа, но за тоа одлучуваше исклучиво работодавачот. Сега таа моќ на одлучување се префрлува кон работникот.

Со новите измени мажите ќе можат да одлучат дали ќе одат во пензија на 64, 65, 66 или 67 години старост, додека жените ќе можат да изберат дали да одат во пензија на 62, 63, 64 или 65 годишна возраст.

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов рече дека постојат значителен број на граѓани и работници кои сакаат подолго време да работат  и сега ќе може тоа да го направат. Останува и правото на оние кои сакаат да одат во пензија на 64-годишна старост за мажи и 62-годишна старост за жени.

– Можноста да се избере староста со која може да се оди во пензија ќе има позитивен ефект во работата на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување во насока на негова поголема стабилност, рече Спасов.

Рокот до 31 август во тековната година работникот да се изјасни дали сака да му се продолжи работниот стаж во наредната година, потенцира Спасов е даден за да им се овозможи на работодавачите однапред да можат да ги планираат финансиските средства за плати и пензии.

Доколку работодавачот не постапи по писмената изјава на работникот се предвидуваат парични глоби во износ од 2 до 3 илјади евра, а доколку при утврдената неправилност и укажување од Инспекторатот во рок од седум дена да не се продолжи договорот се предвидува глоба во износ од 6 до 7 илјади евра.

Министерот за труд и социјална политика рече дека во најголем број европски земји авторските договори и договорите на дела се воведени во системот на задолжително социјално осигурување. Тоа, како што кажа, е дополнителна гаранција за предложеното законско решение.

– На овој начин се унапредуваат работничките права и ќе се влијае на намалувањето на сивата економија, односно ќе се поттикнат работодавчите да засноваат редовен работен однос со своите работници, а се намалува или ускратува можноста целосниот ангажман на работникот да се затскрива со авторски договор или договор на дело за кои досега не се плаќаа придонеси, потенцира Спасов.

Пратеничката Роза Каровска Топузовска од ЛДП истакна дека е точно тоа оти повеќето европски земји ја зголемија старосната граница на пензионирање како поселедица на екомомската криза, но притоа праша дали ова не е прв чекор, односно преоден период кон задолжелно зголемување на старосната граница.

Павле Трајанов од Демократскиот сојуз истакна дека ги поддржува промените затоа што значат усогласување со европската регулатива.

Министерот Спасов истакна дека за измените и дополнувањата на законите  се консултирале со репрезентативните синдикати, кои ги поддржале предлозите бидејќи од нив бенефит ќе имаат работниците, работодавачите и државата.

Собранието на РМ попладнево со изгласувањето на дополнувањето на Законот за здравствено осигурување ја заврши работата по 10-тата седница.

МИА