
Организаторите на Олимписките игри во Токио денеска објавија дека уште 31 лице поврзано со натпреварите биле позитивно тестирано за ковид-19, што постави рекорд втор ден по ред, а вкупниот број на заразени се зголеми на 353 од почеток на јули.
Според соопштението на Организацискиот одбор, еден од ново потврдените случаи е грчки натпреварувач во уметничко пливање, а меѓу 12-члениот тим на таа земја, вкупно шестмина се позитивно тестирани за ковид-19, што според мислењето на Комитетот е појава на кластер.
Грчките уметнички пливачи првично престојуваа во Олимпиското село, но подоцна беа преместени во изолациони простории, по што шестемина чиј тест беше позитивен останаа во хотелските соби резервирани за случаи со ковид-19, додека преостанатите шестмина се вратија дома вчера, рече портпаролот на Организациониот одбор Масанори Такај.
Денешните потврдени случаи вклучуваат 16 работници, седум службеници поврзани со Олимпијадата, тројца претставници на медиумите, двајца службеници на Организациониот одбор и двајца доброволци, а од 31, 23 се јапонски државјани.
Податоците дадени од организаторите покажуваат дека повеќето од потврдените случаи на Игрите во последните денови вклучуваат јапонски работници кои не се жители на Олимпиското село.
Делови од Јапонија и главниот град, Токио, во моментов се под вонредна состојба, како дел од мерките за борба против новиот бран од ковид-19 инфекции, а бројот на потврдени случаи достигна друг рекорд во главниот град и низ целата земја во средата.