Претседателот на Собранието денес ќе ги распише локалните избори

Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска треба да ги распише локалните избори, кои ќе се одржат на 17 октомври годинава.

Иако кампањата почнува три недели пред денот на изборите, партиите веќе се активни на терен и најавуваат изборни коалиции и комбинаторики. Дел од партите веќе излегоа со свои кандидати и најавија соработки за претстојните локални избори.

СДСМ ќе коалицира со ДУИ, БЕСА и ДПА. Најавија дека меѓусебната поддршка во некои општини ќе си ја дадат уште во првиот круг на изборите, а во други општини ќе се поддржат во вториот круг. Од СДСМ велат дека тие се фаворити во сите градови, а тоа го потврдувале и анкетите.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе излезе со комплетно нови кандидати за локалните избори, кои, како што нагласија, се многу поразлични и имаат што да понудат и поради тоа ќе бидат победници. Сите кандидати конечно ќе бидат објавени во септември.

Останува неизвесно дали изборниот процес ќе биде по нови правила за изборниот праг на независните кандидати, кои веќе се влезени во собраниска процедура.

Претседателот Стево Пендаровски се изјасни дека нема да ги потпише измените на Изборниот законик во сегашната форма, пред се поради двата проценти праг наменети за независни кандидати. Предложените измени на Изборниот законик би го добиле потписот на шефот на државата само доколку во однос на прагот за независните кандидати се постигне поширок консензус меѓу партиите.

Шефот на државата смета и дека е непримерно за толку кусо време пред изборите да се менува Изборниот законик, што не е согласно препораките на ОБСЕ-ОДИХР, тоа да не се прави шест месеци пред избори.

Премиерот Заев, пак, изјави дека прагот од два отсто за собирање потписи за независните листи во Предлог-измените на Изборниот законик ќе биде намален, веројатно на еден отсто или можеби и укинат.

И министерот за правда Бојан Маричиќ најави дека ќе има промени и подобрувања во текстот на Изборниот законик. Вели дека начелно е постигната согласнот меѓу големите четири партии во која насока да се оди, и очекува веднаш по одморите, на средина на август, измените да бидат изгласани во Собранието.

Посочи дека идејата е во законот да се имплементираат сите препораки на ОБСЕ/ОДИХР и да се направат подобрувања на процесот, во интерес на демократизација на изборите и поголемо учество на граѓаните.

Предлог-измените на Изборниот законик, предвидуваат дека независните листи мора да соберат потписи од два отсто од избирачите во една општина за да се кандидираат на локалните избори.

Покрај дел од помалите политички партии, забелешки на предложените измени на изборните правила искажаа и Антикорупциската комисија, Транспаренси интернешенел Македонија и повеќе граѓански здруженија. Тие сметаат дека носењето на измените во Изборниот законик непосредно пред започнување на изборниот процес се спротивни на препораките дадени во Извештајот на ОБСЕ/ОДИХР и на добрите практики со кои се препорачува стабилна изборна рамка.

Собранискиот спикер Талат Џафери во однос на измените на Изборниот законик на последната средба со новинарите не сакаше да прецизира дали ќе бидат донесени пред годишниот одмор на пратениците, кој трае до крајот на месецов.

Џафери најави дека согласно законските термини, денеска ќе ги распише локалните избори за 17 октомври. Имајќи предвид дека претходните локални избори беа на 15 октомври 2017 година, од 15 до 18 октомври се исполнува четири години мандат на градоначалниците и советниците и тој мандат според Уставот и законот не може да се продолжи, освен во вонредна или воена состојба. Повеќе од половината од градоначалниците во вториот круг се здобиле со мандат или конкретно 46 општини вклучувајќи го и Град Скопје, тоа значи фактички дека до 18 октомври им завршува четиригодишниот мандат.

Од распишувањето на изборите до денот на гласањето треба да има минимум 70 дена, а максимум 90 дена и во тој период настапуваат обврските на ДИК која треба да го подготви Роковникот за спроведување на изборните активности.