Резервоарите за вода во Радишани и во Гази Баба поради преголемата потрошувачка не можат да се наполнат

Поради енормно зголемената потрошувачка на водата за пиење има сериозни проблеми при водоснабдувањето во одредени делови од Скопје. Во изминатиов период резервоарите за вода во Радишани и во Гази Баба, поради преголемата потрошувачка, не можат да се наполнат и да го постигнат својот капацитет за работа, соопшти Јавното претпријатие „Водовод и канализација“.

ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје врз основа на податоците од Управата за хидрометеоролошки работи, кои во континуитет најавуваат високи температури во наредиот период, повторно апелира до жителите на Скопје рационално и внимателно да се користи водата за пиење.