
Портпаролот на Пентагон, Џон Кирби, порача дека САД се загрижени за ситуацијата во Авганистан, но дека локалните безбедносни сили се во состојба сами да се справат со актуелната офанзива на Талибанците.
-Тие имаат модерна авијација. Имаат многу предности што Талибанците ги немаат. Ние сме длабоко загрижени за ситуацијата во Авганистан, но ова е нивна земја, нивни градови, нивни луѓе – изјави Кирби за „Би-Би-Си“.
Според портпаролот на Пентагон, САД продолжуваат да ги поддржуваат авганистанските власти, вклучително и со напади од воздух врз позициите на милитантите.
Американскиот специјален претставник за Авганистан, Залмај Калилзад, од синоќа е во Доха каде неделава треба да оддржи три рунди разговори со Талибанците на кои треба да ги убеди да ја прекинат офанзивата.