
Познатата професорка по уставно право на Универзитетот во Софија, доц Наталија Киселото, за БНТ изјави дека пред да се дојде до испраќање покана за втор мандат претседателот Румен Радев на бугарските парламентарни партии мора да им постави два услови.
Дописникот на МИА од Софија пренесува дека Киселото смета дека прво треба да биде донесувањето на ребалансот на буџетот, за да се имаат пари за избори, и Националното собрание да ги закаже претседателските избори.
-Доколку биде вратен вториот мандат, тогаш многу брзо ќе се сврти тркалото на рулетот и претседателот ќе биде притиснат од крајните рокови, искоментира преофесорката.
Екатерина Михаилова, поранешен заменик -претседател на бугарското Народно собрание и предавач на Софискиот универзитет, изјави за БНР дека претседателот Радев може да го одложи вториот и третиот мандат за претходно да се донесе ребалансот на буџетот, што е многу важно за државата.
Според Михајлова, во наредните денови Националното собрание мора да работи на тоа дали може заедно да се одржат два избора, односно предвремени парламентарни избори заедно со претседателските избори.
Според неа, во третиот мандат, Уставот на Бугарија вели дека работите се во рацете на претседателот и тој мора да одлучи кое е најдоброто решение.
-Претседателот може да го даде мандатот на политичката сила што има најголеми шанси за формирање влада, но може да одлучи дека подобро решение е да се излезе на избори. Еве ја големата одговорност на претседателот во третиот мандат, изјави Михајлова.