ВМРО-ДПМНЕ: Во Дрисла се фрлал опасен отпад, Шилегов да одговара

ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение денеска побара градоначалникот на Град Скопје да понесе одговорност поради тоа што дозволил во Дрисла да се одложува и пали опасен отпад. Од партијата обвинуваат дека власта со тоа свесно ги загрозува ќивотите на граѓаните.

„Вчера имавме јавно признание на Државниот инспекторат за животна средина дека во Дрисла се одложува опасен отпад. Депонијата Дрисла изминатиот период многу често се палеше и согоруваше овој опасен отпад, а скопјани дишат загаден воздух. Петре Шилегов молчи и се крие“, се вели во соопштението.

Од партијата прашуваат дали зад ваквиот однос кон опасниот отпад се кријат бизнис интересите на мафијата на власт?

„Заради бизнис интересите и малверзациите во раководењето со депонијата на скопјани со години се трујат со канцерогени честички. Ова е причината која Скопје со недели беше на врвот на листата на најзагадени градови во светот. За ова, како што и самиот Шилегов си призна пред повеќе од една година, дека тој ќе одговара заради неисправното работење со депонијата Дрисла. Уште два месеци останаа од ова неодговорно и криминално владеење на Шилегов. За сите лажни ветувања и за целиот криминал кои го има направено граѓаните ќе му го испорачаат одговорот“, се наведува во соопштението.