Продолжува зголемувањето на бројот на новозаразени, кој веќе два дена надминува 1000 лица на ден. Расте бројот и на починати како компликација од вирусот. Министерството за здравство вчера соопшти дека во претходното деноноќие се регистрирани 15 починати лица.
Министерот за здравство, Венко Филипче, информира дека секој десетти од тие кои се дијагностицираат во текот на денот се вакцинирани. Исто така, вацинирани биле и десеттина проценти од хоспитализираните.
Тој посочи дека во градовите каде има повисок опфат со вакцинација од близу 50 проценти засега нема притисок во болниците како што се Битола, Охрид и Штип.
-Од 50-тина случаи на кои е направен скрининг во изминатите денови, две третини отпаѓаат на делта сојот, а една третина на британскиот сој што значи дека овој сој е подоминантен и следиме како се одвива епидемиолошката крива – изјави Филипче.
Заклучно со завчера вакцинирани се вкупно 612.391 граѓани. Според информациите од Министерството, завчера прва доза вакцина примиле 11.732 граѓани, а вкупно се вакцинирале 17 427.
Досега, во државата вкупно се аплицирани 1.097.855 дози вакцини, а ревакцинирани се 485.464 граѓани.
-Со последните бројки, 68 проценти од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 66 проценти од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, 62 проценти од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 53 проценти од населението над 50 години е вакцинирано со барем една доза вакцина – наведуваат од министерството за здравство.
Вакцинирањето се одвива без закажување во вакциналните пунктови низ државата, додека теренската вакцинација се одвива со ротации на медицинските екипи во секое село, рурално населено место и населба. За вакцинирање на децата мора да се закаже термин преку сајтот vakcinacija.mk.